Хајдук ја избрка најголемата ѕвезда од подготовките - одбил да трча под казна!

Стручниот штаб на Хајдук донесе одлука која ги шокира навивачите, а тоа е да го отстрани својот најдобар и најпознат фудбалер, Марко Ливаја, од подготовките на тимот на Блед (Словенија), откако го санкционираше поради кршење на клупската дисциплина.

На одлуката ѝ претходел конфликт меѓу Ливаја, тренерот Гонзало Гарсија и спортскиот директор Роберт Граф. Според информациите на хрватските медиуми, дел од фудбалерите биле казнети со дополнително трчање поради прекршување на клупските правила, но додека останатите ја прифатиле казната, Ливаја одбил да ја изврши, по што раководството решило да го испрати назад во Сплит. Набрзо потоа со официјално соопштение се огласи и Хајдук, кој потврди дека Ливаја предвреме ги напушта подготовките.

„Ливаја ќе ги напушти подготовките на Блед порано од планираното и ќе се врати во Сплит. Оваа одлука е донесена поради кршење на дисциплинските правила на клубот и непочитување на правилата што клубот ги постави за време на подготовките. Марко е непроценливо важен за клубот, навивачите и за сите кои го сакаат и живеат Хајдук. Оваа одлука е донесена со само една цел – Хајдук е на прво место. Секогаш и засекогаш. За понатамошните одлуки јавноста ќе биде навремено информирана“, соопшти хрватскиот клуб.

Ливаја од 2021 година настапува за сплитските „били“, за кои настапи на 169 натпревар со 91 постигнат гол. Претходно има играно за Интер, Аталанта, Лас Палмас и АЕК, а за Хрватска одигра 21 натпревар.

ФОТО: www.hajduk.hr