Бобан Николов: Одложете го мечот со Косово, сакаме полни трибини!

Македонскиот репрезентативец Бобан Николов, фудбалерот на унгарски МОЛ Фехевар побара итно одложување на мечот со Косово, кој е златна и историска шанса за Македонија да игра на Евро 2020, откако денеска Владата донесе одлука во следните 30 дена спортските настани да се играат без публика.

Македонија треба да го дочека Косово без публика на 26 март на Националната Арена „Тодор Проески“, но сега проблем е што селекцијата не може да смета на „италијанците“ Горан Пандев, Елиф Елмас и Илија Несторовски, поради задолжителниот карантин од 14 дена за секој што ќе дојде во земјава од Апенините, каде е алармантна ситуацијата со коронавирусот.

Николов преку социјалните мрежи објави дека за Македонија играњето без публика е исто како во тимот да ги нема Пандев, Елмас, Несторовски или некој друг во составот.

Или нека биде фудбалски СПЕКТАКЛ или не правите “спектакли”!

Здравјето на луѓето е најбитно и го почитуваме ставот и препораките на институциите во однос на заштитата на здравјето на сите нас.

Но, како фудбалери, репрезентативци и стручен штаб на Македонија кои се изборија за историска шанса за пласман на Европско првенство, би сакале нашиот домашен натпревар да го одиграме пред полни трибини и со поддршка од нашите навивачи да славиме заедничка победа.

Ваков натпревар без публика е исто како да сме без Гоче, Елиф или Нестор во составот.

Одложете го натпреварот, прво заради здравјето пред се, но и заради сите со идеал за прави спортски вредности и резултати. Спортски поздрав“, објави Николов.