Барди: Две децении сонуваме пласман на ЕП и затоа сакаме да играме пред полн стадион!

Македонскиот репрезентативец Енис Барди во моментов е на принудна пауза, како и речиси сите останати спортисти ширум светот поради пандемијата со коронавирусот, но тоа не го спречува да размислува за историскиот меч против Косово, со кој Македонија може да дојде на чекор поблиску до пласман на Европското првенство (ЕП).

Барди вели дека сите во Македонија чекаат долго време за конечно репрезентацијата да обезбеди пласман на големото натпреварување, па поради тоа сакале да го играат мечот против Косово пред публика.

„Мечот се игра во Скопје и ние сакаме да играме пред навивачи затоа што ни е многу важно. Тоа е историски меч бидејќи луѓето чекаат повеќе од 20 години за Македонија да обезбеди пласман на ЕП, а сега сме многу блиску до такво нешто“, кажа репрезентативецот.

Македонскиот фудбалер вели дека бил поготвен да се врати во Скопје доколку мечот требало да се игра, но ситуацијата за Елиф Елмас, Горан Пандев и Илија Несторовски ќе била поинаква бидејќи Италија е една од најпогодените држави од Ковид-19.

„Враќањето во Македонија не ме плашеше никогаш затоа што немаше да има проблеми. Сепак, ситуацијата со Елмас, Пандев и Несторовски ќе беше поинаква и не бешепознато дали ќе добијат дозвола да настапат поради целата ситуација“, објаснува Барди.

Секако, тој зборуваше и за неговиот тим Леванте и дербито против Валенсија, како и дека нема постигнато погодок од слободен удар дури 15 месеци.

„Зарем помина толку многу? Искрено, во тој период не изведував многу слободни удари, но важно е да им помагам на соиграчите и да освојуваме бодови. Сите знаеме дека Леванте никогаш не остварил победа на ‘Месталја’ и тоа ќе биде дополнителен мотив за нас“, кажа македонскиот фудбалер.