Арнаутовиќ: Сѐ повеќе жалам за мојата силна реакција на провокацијата од Алиоски!

Австрискиот репрезентативец Марко Арнаутовиќ доби суспензија од еден натпревар зашто му се нафрли на Езгјан Алиоски по третиот гол кој го постигна Австрија во победата против Македонија од 3-1.

Арнаутовиќ, пред да ја добие казната, најпрво се извини преку медиумите, а потоа и преку социјалните мрежи на македонски и албански јазик, но тоа не му помогна, па сега реши и по третпат да каже дека жали поради неговата бесна реакција.

„Со оглед на тоа дека сум татко на две ќерки и свесен сум за моето влијание, посебно кај децата, жалам сѐ повеќе поради мојата реакција. За жал, постоеше провокација на која реагирав бесно, но нема оправдување за тоа што се случи. По натпреварот ние зборувавме и се извинивме еден на друг. Ќе донирам и 25.000 евра во Австрија, но за жал нема да можам да играм утре против Холандија, сепак ќе го дадам мојот максимум во следниот меч со Украина“, напиша Арнаутовиќ.