Ангеловски: Ветувам дека ќе гинеме за секоја топка за да победиме!

Македонскиот селектор Игор Ангеловски вети денеска дека неговите избраници ќе се борат за секоја педа од теренот и за секоја топка со цел да дојдат до толку посакуваната победа против Словенија (утревечер, 20.45 часот) на Националната Арена „Тодор Проески“ во клучниот меч за да се продолжи патот кон Евро 2020 низ овие евроквалификации.

Ангеловски во пресрет на мечот посочи дека Македонија е подготвена да дојде до таа посакувана победа и дека во моментов, не го интересира ни пласман на табелата, ниту калкулации со бодови во овој октомвриски циклус, туку комплетно е насочен како да ги победи Словенците.

„Не знам што размислуваат и како размислуваат Словенците, ниту ме интересира такво нешто. Ме интересира како ние ќе играме, а јас ветувам дека ќе изгинеме за победа. Ветувам дека ќе се бориме за секоја педа на теренот и за секоја топка. Подготвени ја чекаме Словенија и сето тоа со цел да стигнеме до таа посакувана победа“, вели Ангеловски.

Селекторот посочи дека како што Словенија доаѓа со самодоверба после серија од три победи и пласманот моментно на второто место на табелата, така и Македонија е полна со самодоверба и дека освен некои „мали“ тактички изненадувања, очекува дуел на две слични селекции.

„Ние и Словенија не сме нешто многу различни во составот од тој меч во март во Љубљана. Нормално едно е кога доаѓаш после три победи со голема самодоверба, ама и Македонија има самодоверба, играме одлично во серија. Очекувам дуел на две селекции кои добро се познаваат и кои многу слично ќе изгледаат на теренот. Нормално ќе има некои изненадувања од моја страна, но и од страна на селекторот Кек, ама сè на се очекувам слични репрезентации на мечот“, додава Ангеловски.

Македонија ќе биде без тројца стандардни фудбалери, Енис Барди (среден ред) и Дарко Велковски (одбрана), кои се повредени, како и Егзон Бејтулаи (одбрана) за овој меч, но Ангеловски посочува дека останатите се спремни за борба.

„За Македонија секое отуство е проблем, но ситуацијата е таква каква што е, од тоа што е на располагање направивме сè за да бидеме спремни за борба. Спремни сме да играме, да атакуваме на тоа што го посакуваме. Не се сомневам дека ќе го дадеме последниот атом за да го оствариме тоа што го сакаме“, заврши Ангеловски.