Ангеловски: Цела Македонија денеска слушна под каков притисок ги водев баражите!
Во јавноста долго време се шпекулираше дека првиот човек на македонскиот фудбал Муамед Сејдини имал спремен отказ и сакал да го смени Ангеловски после завршувањето на квалификациите и последниот меч со Израел, но сега сето тоа доби потврда откако Пандев откри детали како Сејдини му пристапил после триумфот за таа промена.
За ова му се обративме на селекторот со едно единствено прашање, дали е вистина тоа што го говори Пандев, во делот во кој во долгото интервју е прозван.
„Сѐ што кажа Пандев за мене и за тоа што го посочи (Сејдини сакал да го смени Ангеловски после мечот со Израел – н.з.) е – вистина! Може македонската јавност сега да види под каков притисок ги водев двата клучни мечеви во баражите (со Косово и со Грузија – н.з.). Но, заедно со сите членови на А-тимот успеавме да го обезбедиме пласманот на Европското првенство и да го оствариме овој историски успех на Македонија на чело со капитенот Горан Пандев. И тоа на радост на сите во Македонија“, ни изјави селекторот Ангеловски.
Капитенот на македонската селекција Пандев, утрово откри сочни детали за многу теми поврзани со ФФМ, националниот тим и посебно за делот околу обидот за смена на Ангеловски и тоа во клучниот период за македонската репрезентација
„Претседателот и некои луѓе сакаа да ја нарушат атмосферата во репрезентацијата, но не успеаја. Сејдини се дрзна да го менува селекторот пред дуелите со Косово и Грузија, а токму Сејдини и некои луѓе околу него, кои не ги ни познавам не дојдоа ниту да ни посакаат среќа. Сејдини по натпреварот со Израел од квалификациите за ЕП, каде завршивме трети на табелата, дојде и сакаше да го смени селекторот Ангеловски. По натпреварот со Израел, дојде во хотелот и ми вели: 'Горан сакам да разговараме, сакам да го смениме селекторот Ангеловски'. Му одговорив: 'вие сте претседател, вие одлучувате, но според мене не е моментот вие да го правите тоа, сега пред натпреварите со Косово и Грузија'. На крајот, сепак немаше сили да го направи тоа, затоа што цела македонска јавност стои и зад селекторот Ангеловски и зад нас како репрезентација“, откри Пандев денеска.
Популарниот Мрме пред два месеца доби нов договор за да го води националниот тим на Евро 2021 до 1 јули годинава, по што Македонија ќе добие нов селектор, а договорот дојде после два месеци од историскиот пласман на црвено-жолтите на континенталниот собир, за многумина изненадувачки и зачудувачки, откако претходниот договор му заврши на 31 декември лани.
Македонија со Израел играше во ноември 2019 година, а обидот за смена беше само шест месеци откако ФФМ со Сејдини тогаш ја продолжија соработката со Ангеловски за нови година ипол, а баражите за пласман на ЕП се играа дури кон крајот на минатата година, откако пандемијата со коронавирус не дозволи одигрување на мечевите кои првично беа закажани за во март минатата година.