„Сејдини сакаше да го смени Ангеловски по мечот со Израел“

Тоа што одамна се шпекулираше во јавноста дека првиот човек на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), Муамед Сејдини имал скоро потпишан отказ за селекторот Игор Ангеловски по завршувањето на квалификациите за Евро 2021 во ноември 2019 година, денеска доби потврда откако капитенот на македонската репрезентација Горан Пандев ја обелодени намерата на првиот човек на македонскиот фудбал.

Пандев во интервјуто за ТВ24 посочи дека Сејдини сакал да го смени Ангеловски по мечот со Израел и дека се обиделе да ја нарушат атмосферата пред клучните мечеви со Косово и Грузија, преку кои Македонија стигна до историски настап на Евро 2021, каде летово ќе дебитираме на големата сцена.

„Се кроеше некаква политика, да бидам искрен, се кроеше долго време политика околу А-репрезентацијата и селекторот. Претседателот и некои луѓе сакаа да ја нарушат атмосферата во репрезентацијата, но не успеаја. Сејдини се дрзна да го менува селекторот пред дуелите со Косово и Грузија, а токму Сејдини и некои луѓе околу него, кои не ги ни познавам не дојдоа ниту да ни посакаат среќа. Сејдини по натпреварот со Израел од квалификациите за ЕП, каде завршивме трети на табелата, дојде и сакаше да го смени селекторот Ангеловски“, вели Пандев.

Капитенот на македонската репрезентација посочива дека после мечот со Израел, на кој Македонија победи и првпат во историјата заврши на трето место во едно квалификации, Сејдини му пристапил на разговор за евентуална смена на селекторот.

„По натпреварот со Израел, дојде во хотелот и ми вели: 'Горан сакам да разговараме, сакам да го смениме селекторот Ангеловски'. Му одговорив: 'вие сте претседател, вие одлучувате, но според мене не е моментот вие да го правите тоа, сега пред натпреварите со Косово и Грузија'. На крајот, сепак немаше сили да го направи тоа, затоа што цела македонска јавност стои и зад селекторот Ангеловски и зад нас како репрезентација. Некои луѓе работеа против репрезентацијата, ама не успеаја. Глумеа дека се среќни, а во лицето им се гледаше дека не сѐ“, потенцира Пандев.

УО на ФФМ си подели по 20.000 евра премии за пласманот на Македонија на ЕП, а Пандев додава дека во Италија му се чуделе кога дознале за информацијата.

„Жално е сè што се случува по пласманот на ЕП, некои играчи играат толку време, а тие без срам си поделија премии, кога видов не верував дека си поделиле премии. Овде во Италија, кога зборувам со играчите, со управата во Џенова, ми се чудеа, велат тоа не е можно, а јас им велам тоа е Македонија и сè е можно“, додава Пандев.