Филмски грабеж за време на „Ел Класико“: Милитао останал без предмети вредни 350.000 евра!
Имено, додека бразилскиот репрезентативец од клупата го следел дербито минатиот викенд против Барселона, крадци влегле во неговата луксузна вила во елитната мадридска населба Ла Моралеха и украле предмети вредни повеќе од 350.000 евра, објави шпанскиот весник „Ел Мундо“.
Целата драма се случила меѓу 21:00 и 22:00 часот, односно за време на првото полувреме на големото дерби. Според полициските сознанија, најмалку двајца крадци незабележано се искачиле на горниот кат од куќата, додека членовите на семејството на фудбалерот мирно го следеле телевизискиот пренос на натпреварот на приземјето, воопшто не сомневајќи се што се случува над нивните глави.
Крадците внимателно ги пребарувале собите, насочувајќи се кон предметите со исклучително висока вредност. Според „Ел Мундо“, Милитао останал без два луксузни рачни часовници „Ролекс“, проценет на 53.000 евра, и ексклузивен модел на „Ричард Мил“, вреден дури 170.000 евра.
Покрај часовниците, украдени се и три чанти на „Шанел“, чија вредност се проценува на околу 15.000 евра, прстени и нараквици од „Картие“ вредни околу 25.000 евра, како и друг накит, нараквици и дизајнерски куфери. Вкупната штета значително надминува 350.000 евра.