Ангеловски: Не ја сакам Србија, а немам против да играме со Грција!
Фудбалските репрезентативци по првото место во Д-дивизијата во Лигата на нации јасно ја постави целта – пласман на Евро 2020, за што пред себе имаат две шанси. Првата опција е тоа да го сториме преку квалификациите, каде што треба да бидеме меѓу првите две селекции во групата, што значи дека како селекција од петтиот барабан би требало да скокнеме три селекции подобри по рејтинг. Втората и секако далеку пореална шанса е плејофот во Лигата на нации и веќе обезбеденото плејоф-полуфинале на домашен терен со Косово, меч кој ќе се игра во март 2020 година.
„Посакувам одредени селекции да ни се паднат во група, а сѐ исто е дали ќе бидеме во група со пет или со шест селекции, за тоа немам некоја посебна желба. Знаеме дека има одредени ограничувања во ждрепката дека Русија не може да се падне со Украина, Србија и БиХ со Косово, па има услови поради далечина, зимски услови... Многу услови се поставени во ждрепката, кој со кого може, кој со кого не може. Пред сѐ од првиот барабан сакам да ни падне Италија, а од вториот да ја избегнеме Германија и како желба од овој барабан е да го добиеме Исланд. Од третиот би сакал Турција или Израел, додека од четвртиот Естонија и Кипар. Од шестиот (ако сме во група со шест – н.з.) сѐ исто е кој и да ни падне“, вели селекторот Ангеловски во пресрет на ждрепката.
Како што Ангеловски има желба за селекции кои би биле наши противници во евроквалификациите, исто така има желба и одредени селекции да не ни се паднат.
„Не сакам да ни паднат репрезентации кои не се атрактивни, а од друга страна се доста квалитетни Пред се тука би ги споменал една Русија, Украина, кои се селекции од таков тип. Од овие селекции од соседството, не би сакал да ни паднат Србија, БиХ, која влезе во втор барабан... Тоа се тие селекции што би сакал да ги избегнеме“, посочува Ангеловски.
Во четвртиот барабан потенцијални противници на Македонија се Грција и Албанија, мечеви кои многу повеќе во фокусот би биле поради политичките односи, наспроти чисто спортските и фудбалските битки. Но, Ангеловски потенцира дека нема против да ни падне и јужниот сосед, со кого досега во историјата на сениорско ниво никогаш не сме играле.
„Сите противници ги респектираме и гледаме само на фудбалски план. Јас искрено би сакал да ни се падне Грција. Од едноставна причина, која е чисто фудбалски, зашто мислам дека според квалитетот можеме да се носиме со нив. Се водам чисто на спортски и фудбалски план и за друго не ме интересира“, посочува Ангеловски.
Македонија преку евроквалификациите ја чека многу потежок пат кон Евро 2020, најмногу и поради фактот што тргнуваме од претпоследниот барабан, но Ангеловски потенцира дека и најмала шанса ако се укаже – мора да се искористи.
„Планот и целта за пласман на Евро 2020 останува. Две шанси се тука, таа преку Лигата на нации стои, еве ги сега квалификациите. Јас како што реков, целта е пласман на Евро 2020, а на кој начин тоа ќе го оствариме е најмалку важни, најбитно е да ја оствариме. Треба да ја сочекаме ждрепката и да видиме кои противници ќе ни паднат за да зборуваме за планови. Прво реално да ја согледаме групата и да ги видиме ралните шанси, но Македонија не се плаши од никого и имаме квалитет на секого да му се спротивставиме. Нам и најмала шанса да ни се пружи , мора да направиме сè за да ја искористиме и да се обидеме да се пласираме на Евро 2020 и преку овие квалификации“, завршува Ангеловски.