Алиоски: Не е важно кој ќе даде гол(ови), само Македонија да победи!

Македонската фудбалска репрезентација комплетна денеска го одржа вториот тренинг во подготовките за втората третина од мечевите во Лигата на нации и предизвикот да се запишат нови победи со Лихтенштајн и со Ерменија за да се направи клучниот исчекор кон првото место во групата Д во Д-дивизијата со што ќе се обезбеди плејофот за пласман на Евро 2020.

Македонските репрезентативци се концентрирани исклучиво на мечот со Лихтенштајн, в сабота навечер од 20.45 часот на Националната Арена „Филип Втори“, па фудбалерите очекуваат нова победа и најавуваат дека ќе направат сè за да ја продолжат победничката серија започната во овие Лига на нации со триумфите со Гибралтар на гости и со Ерменија во Скопје во минатиот месец.

Езгјан Алиоски со два гола по првите два меча е најдобар макеоднски стрелец, постигнувајќи половина од головите во двата триумфи. Алиоски е еден од фудбалерите кои од стартот на сезоната играат во одлична форма, но потенцира не е важно кој ќе даде гол, туку само Македонија да победи.

„Има уште за играње, со двете стартни победи ништо не е готово. Имаме добри играчи, се наоѓаме во добра форма и сега не очекува Лихтенштајн. Мора да го добиеме овој меч. Ништо не е готово. Ништо не е лесно, но ние сме поквалитетни. Сега се вратија Хасани и Адеми. Мора да имаме концентрација како на последните мечеви и ако играме така, сигурно ќе победиме. Играм во добра форма, дадов два гола на првите два меча, но не ми е важно кој ќе даде гол, јас сакам да победиме. Секако дека сакам, пак, да дадам гол, но и да не дадам, ќе бидам среќен со три бода“, вели Алиоски.

Македонија очекува нова победа и продолжување на серијата, а фудбалерот за врска Стефан Спировски додава дека селекцијата е комплетно фокусирана исклучиво на дуелот со Лихтенштајн.

„Сигурно е дека очекувањата против Лихтенштајн се победа. Цела Македонија го очекува тоа. Имаме четири дена до мечот, доволно време да се подготвиме и мислам дека подготвени ќе влеземе во овој меч. Комплетно сме фокусирани на првиот меч за нас, потоа ќе мислиме на Ерменија. Имаме шест бода од првите два меча, сакаме да бидеме први во групата“, вели Спировски.