Зидан за Бејл: Играше одлично, но ништо се нема сменето

Герет Бејл утринава беше можеби најдобриот фудбалер на Реал Мадрид против Арсенал во натпреварот од „Интернационалниот куп на шампиони“. 

По неговото влегување во второто полувреме Велшанецот погоди за да го намали резултатот на 2-1 и го инспирираше својот тим до израмнување. „Кралевите“ славеа на пенали, но Бејл го утна својот удар од белата точка.

Тренерот Зинедин Зидан имаше пофални зборови за Бејл, но повтори дека ситуацијата околу него не е променета и тој наскоро ќе го напушти клубот.

„Бејл одигра одличен натпревар и јас сум многу среќен за него, како и за сите“, вели Зидан. „Тој моментално е со нас и ќе продолжиме да работиме. Игравме добро кога беме 10 против 11, а уште подобро 10 на 10. Не знам што ќе се случи во иднина. Тој денеска сакаше да игра, а пред некој ден не сакаше. Не сум зборувал со него. Тренираше нормално и затоа играше денеска. Ништо се нема сменето, ја знаете ситуацијата“, додаде тренерот на Реал Мадрид.

Клубот можеби ќе размисли дали да го продаде Велшанецот, ако се потврдат стравувањата дека Марко Асенсио заработи тешка повреда на коленото, која ќе го оддалечи од терените цела сезона.