Зидан проговори за можното враќање на Мурињо: Тоа ме загрижува!

Пред натпреварот во Лигата на шампионите против Галатасарај, тренерот на Реал Мадрид, Зинедин Зидан одржа прес-конференција.

Реал не ја отвори сезоната најдобро во Лигата на шампионите, а дуелот со Галатасарај е добредојден во малку послаба атмосфера, бидејќи шпанскиот гигант претрпе пораз од Мајлора со 1-0 во саботата навечер.

По тој натпревар се засилија гласините за враќање на Жозе Мурињо, а Зидан признава дека е веќе загрижен.

Во фудбалот, лесно го забораваме минатото и она што го сторивме. Она што го постигнавме со Реал му припаѓа на минатото. Не можам да ви кажам дека не се грижам за оваа ситуација, тоа ми пречи, но она што треба да направам е да дадам се од себе и да мислам позитивно како и секогаш. Имаме важен натпревар во Лигата на шампионите пред нас и знаеме каква е ситуацијата. Ќе се обидеме да победиме, истакна Зи-Зу.

Реал Мадрид има само еден бод во првите две кола во Лигата на шампионите, откако беше поразен од ПСЖ и одигра само нерешено со Бриж на домашен терен, во натпревар во кој губеа со 2-0 на полувремето.