Зависност од Јамал: Барса е изгубена без својот бисер

Можеби звучи чудно, ама Барселона не може да победи без еден од своите најмлади фудбалери во тимот, 17-годишниот Ламин Јамал.

Во досегашните 13 кола од Ла Лига, тинејџерот два пати не беше стартер и Барса ги загуби двата меча. Прво загуби од Осасуна со 2-4 во мечот во кој Јамал влезе во игра во второто полувреме и дури даде гол, а синоќа воопшто не беше во протоколот, поради повреда.

Младиот фудбалер досега одигра 12 меча во шпанското првенство и на нив постигна пет гола и седум асистенции. Сепак, има многу работи кои статистиката не ги забележува, пред се просторот кој го креира Јамал за своите соиграчи, особено за најдобриот стрелец во лигата Роберт Левандовски. Ако на тоа се додаде дека Барселона нема квалитетна замена на позицијата на која игра Јамал, па таму мора да играат Фермин Лопез, Ансу Фати или Пау Виктор, јасно е дека отсуството на младиот фудбалер е голем проблем.

Денеска беше утврдено дека Јамал ќе мора да отсуствува 2-3 недели што значи дека не е сигурен за мечот од следното коло на Ла Лига, против Селта.