Официјално: Раул Гонзалез е нов селектор на Србија
Трофејниот шпански стручњак, кој со Вардар беше европски шампион во 2017 година, во текот на минатиот викенд бил во Белград на преговори и притоа е постигната согласност тој во иднина да ја води српската репрезентација. Сепак, договорот не стапува на сила веднаш, туку по завршувањето на оваа сезона затоа што Србите инсистирале Раул да биде насочен само на нивната репрезентација и да нема друг ангажман, а познато е дека во моментов е тренер на ПСЖ. Информацијата за потписот на договорот ја потврди генералниот секретар на Ракометната федерација на Србија, Иван Миливојевиќ.
„Договорот со Раул Гонзалез е потпишан откако е одигран натпреварот против Италија. Тој стапува на сила на 1 јули 2025 година, од моментот кога Раул нема да има договорни обврски со ПСЖ. Вакуумот кој го имаме до моментот кога тој ќе ја преземе репрезентацијата ќе го искористиме за да ја решиме ситуацијата со актуелниот селектор Борис Ројевиќ и да најдеме преодно решение за преостанатите натпревари од квалификациите за Европското првенство. Пред Раул е поставена јасна цел - пласман на Олимписките игри во 2028 година“, изјави Миливојевиќ во телевизиско интервју.
Ова значи дека Србија ќе мора без Раул да се пласира на Европското првенство затоа што последните четири натпревари од квалификациите се играат во март и мај. Интересно е тоа што и покрај потврдата од генералниот секретар, на официјалната интернет страница на РСС нема информација за договорот со Раул. Шпанскиот стручњак ќе се обврзе на тригодишна верност што е логично, ако се знае дека главна цел е пласман на Олимписките игри во Лос Анџелес. Тоа ќе биде негово второ селекторско искуство откако во периодот од 2017 до 2019 година ја водеше репрезентацијата на Македонија.