Војната продолжува и надвор од теренот: Галатасарај го обвини Мурињо за расизам

Фудбалскиот клуб Галатасарај најави кривична тужба против тренерот на Фенербахче, Жозе Мурињо, обвинувајќи го за расистички коментари по вчерашното големо дерби.

Галата и Фенер одиграа без голови по што Мурињо се обиде да влезе во соблекувалната на судиите за да им објасни некои работи. Тоа, сепак, не е причината за револтот на Галатасарај.

„Денеска неговиот дискурс ескалираше. Со ова, официјално објавуваме намера да поднесеме кривична тужба во врска со расистички изјави на Жозе Мурињо против кого ќе поднесеме и извештај до ФИФА и УЕФА“, стои во соопштението од Галатасарај.

За клубот е спорна изјавата на Мурињо кој рече дека „по симулирање на еден играч на Галатасарај, сите од нивната клупа скокаат околу како мајмуни“.