Во Шпанија разговараат за публика на трибини, ама само во одредени региони!

Шпанските здравствени власти во моментов ја разгледуваат опцијата да се дозволи одреден број на навивачи да има на стадионите во Ла Лига, но тоа нема да биде на целата територија на една од најпогодените земји од коронавирусот, туку само во одредени региони.

Според информациите од Пиринеите, веќе се разговарало за попуштање на рестрикциите за навивачи и тоа на кризниот штаб на кој присуствувале министерот за здравство Салвадор Илија, министерот за спорт Ирене Лозано, како и четворица фудбалери меѓу кои Жерар Пике од Барселона и Коке од Атлетико Мадрид.

Фернандо Симон, координатор на здравствениот криен штаб признал дека постојат разговори да се дозволи публика во региони кои не беа толку погодени од Ковид-19, но засега се прави евалуација на ризикот, зашто Шпанците не сакаат да влезат во преголем ризик особено што се подготвуваат за втор бран на вирусот од есен.

„Немаме конкретен одговор, а тешко е засега да процениме, но се прават евалуации на ризикот од страна на министерот за здравство“, рекол Симон.

Интересно, здравствените власти додека прават проценки, министерската за спорт Лозано е конкретно против такво нешто, бидејќи смета дека секоја таква одлука може да е избрзана и да ја врати земјата во некои полоши претходни ситуации, особено што Шпанија преживеа пустош, како едно од жариштата на новиот опасен вирус.