Влаховиќ на излезна врата од Јувентус, може и да не заигра повеќе

Српскиот репрезентативец Душан Влаховиќ со повреда се врати во Јувентус од настапот во националниот тим и најверојатно ќе паузира околу две недели.

Италијанските медиуми најавуваат дека тој би можел повеќе да не заигра за торинскиот клуб и тоа поради две причини. Прво, Влаховиќ одбил продолжување на договорот со Јувентус, а актуелниот му истекува во 2026 година и во вакви услови клубот би морал да го продаде претстојното лето ако сака да заработи на него. За да го принуди на потпишување нов договор, раководството на Јувентус во соработка со тренерот, планира да го остави Србинот на клупа, па дури и на трибини иако малкумина веруваат во вакво сценарио.

Втората причина се критиките од напаѓачот на сметка на тренерот Тијаго Мота. На прес-конференција со репрезентација тој меѓу редови го искритикува шефот дека му дава премногу дефанзивни задачи и поради тоа не е свеж во нападот што резултира со помалку постигнати голови.

Тоа не им се допаднало на челниците на Јувентус кои му замериле на Влаховиќ и сметаат дека со тоа, тој ја загрозува атмосферата во тимот. Не е исклучено Србинот да биде продаден веќе во јануари бидејќи за него е заинтересиран Арсенал кој нуди 70 милиони евра.