Вест Хем го освои Барнли и остана во игра за пласман во ЛШ (ВИДЕО)

Сигурно најпријатното изненадување сезонава во Премиер лигата, тимот на Вест Хем, останува во игра за пласман во Лигата на шампионите (ЛШ) следната сезона, откако вечерва, со пресврт, дојде до триумф на гостувањето кај Барнли (2-1).

Со ова, фудбалерите на овој тим ставија крај на низата од два порази по ред и најавија жестока борба во преостанатите четири кола. Домаќинот поведе преку Вуд во 19. минута од пенал, но потоа следуваа фантастични десет минути на Мајкл Антонио, кој прво изедначи во 21. минута, а потоа и донесе водство на гостинскиот состав во 29. минута. Тоа се покажа и како конечен резултат, а до крајот двата тима имаа по уште една изгледа шанса за погодок.

Вест Хем сега е петтопласиран со 58 бодови, три помалку од Челси, кој е на последното место што води во ЛШ, а пет од третиот Лестер. Истовремено, „чекичите“ го прескокнаа и Тотнем кој сега има два бода помалку, а му побегнаа и на Ливерпул, кој има 54 бодови и меч помалку, дербито со Манчестер Јунајтед.