Верона или Бреша следна дестинација на Пандев?

Капитенот на македонската фудбалска репрезентација Горан Пандев би можел да замине од Џенова и тоа во Верона или Бреша, најавуваат италијански медиуми, ако не се договори за нова едногодишна соработка со Џенова, чиј член е од 2015 година.

Договорот на Пандев со Џенова истекува на крајот на месецов, но според некои најави кои ги пласираат италијанските меидуми, не е во плановите на новиот стратег на најстариот калчолигаш Аурелио Андреацоли, па со тоа тој како слободен играч ќе може да си бара нов ангажман на Чизмата.

Пандев во минатата сезона стана само шестиот странец во Серија А со над 400 мечеви и има желба да продолжи да игра барем уште една сезона, пред да замине во пензија, но сега прашање е дали би останал во тим, во кој тренерот нема да смета премногу на него.

Според најавите, Верона каде тренер е Иван Јуриќ, поранешниот негов тренер во Џенова е прва опција, а Бреша втора опција за продолжување на кариерата. Сепак, останува да се види каков ќе биде расплетот на „Мараси“ и дали Андреацоли ќе се откаже од Пандев или ќе се реши да го задржи поради неговото искуство.