Вернер блесна ама залудно: Саутемптон во 92-та минута го шокира Челси во Лондон (ВИДЕО)

Новите големи засилувања на лондонски Челси, Тимо Вернер и Каи Хаверц блеснаа денеска, ама недоволно за Челси да дојде до нова победа во петтото коло во англиската Премиерлига, па Саутемптон ги шокираше „сините“ среде Лондон за да им земе бод во 92-та минута, во фантастичното реми 3-3.

Залудни останаа двата гола на Тимо Вернер за рано водство по пола час игра од 2-0, на голот кој ги донесе на чекор до победа на најскапата клупска аквизиција Каи Хаверц, кога Челси не знаеше и не умееше да ја задржи предноста и на крај Јаник Вастергард во 92-та минута ги шокираше и ги остави без планиран триумф, спречувајќи ги са се искачат на второто место со исто бодовно салдо како актуелниот првак Ливерпул.

Вернер погоди двапати за 13 минути во периодот од 15-та до 28-та минута и се изгледаше дека Челси лесно ќе победи, а Дани Ингс пред полувремето намали, а Че Адамс во 57-та израмни, за да покаже дека Саутемптон не е дојден лесно да се предаде. Хаверц повторно го донесе Челси во водство на асистенција на Вернер во 59-та и се до судиското надополнување, лондончани имаа победа во рака, но доживеаа шок. 

Челси по ова второ реми сезонава, сега има осум бода и е шестопласиран, додека Саутемптон се избори за седмиот сезонски бод и сега е на 10-то место.