Ужас во Норвешка: Се урна трибина, навивачи на Бодо Глимт пропаднаа во „амбис“!
Драматичниот инцидент се случи во 41. минута од натпреварот, при што неколку лица пропаднаа низ подната конструкција. Во инцидентот биле вклучени вкупно четири лица, од кои едно лице се здобило со сериозни повреди и итно било пренесено во болница, додека на останатите им била укажана неопходната медицинска помош на самото место на настанот.
До уривањето дошло откако подната конструкција не го издржала притисокот од навивачите на Бодо/Глимт, кои масовно скокале во ритамот на нивните навивачки песни. По пукањето на трибината и падот на навивачите низ создадениот отвор, на стадионот настанала општа паника. Најприсебен во хаосот бил голманот на гостинскиот тим, Никита Хаикин, кој прв ја забележал несреќата и веднаш му сигнализирал на главниот судија за случувањата. Натпреварот експресно бил прекинат, а фудбалерите биле испратени во соблекувалните со цел спасувачките екипи, итната помош и полицијата да имаат непречен пристап до повредените.
По брзата интервенција на итните служби, сите гостински навивачи биле безбедно евакуирани од оштетениот дел на стадионот. Откако претставниците на двата клуба одржале кризен состанок со полицијата, фудбалскиот сојуз и организаторите, била донесена одлука натпреварот сепак да се доигра. Навивачите на Бодо/Глимт биле преместени на друг, безбеден дел од трибините, по што дербито било рестартирано по подолга пауза.