Алкараз спаси шест брејк-топки и во два сета го „скрши“ Шелтон за титула во Париз!
Шпанецот покажа поголема ментална стабилност во клучните моменти од двата сета, неутрализирајќи го силниот сервис на противникот за да стигне до престижниот трофеј во француската престолнина. Првиот сет донесе огромна неизвесност на теренот и траеше дури 65 минути. Бидејќи двајцата тенисери сигурно сервираа и немаше брејкови, победникот мораше да биде решен во тај-брејк. На Шелтон не му помогнаа ниту шесте асови, ниту шесте неискористени брејк-топки со кои можеше посериозно да го загрози шпанскиот тенисер.
Вториот сет започна многу подобро за американскиот тенисер, кој продолжи со одличниот сервис и запиша уште четири аса. Тој успеа да го искористи падот во играта на Шпанецот и во петтиот гем направи брејк за водство од 3-2. Сепак, вистинската драма следуваше три гема подоцна кога Алкараз избори две брејк-топки и веднаш ја искористи првата за да го врати загубениот сервис и да израмни на 4-4. Во следниот гем феноменалниот Шпанец загуби само еден поен и дојде на чекор до освојување на турнирот.
Клучниот момент се случи во дванаесеттиот гем во кој Шелтон сервираше за продолжување на мечот. Подлегнувајќи под притисокот, Американецот му дозволи на Алкараз да стигне до меч-топка која веднаш беше реализирана за конечен триумф.