Уникатниот Гаскоњ: На полувреме испив девет коњака, па дадов два гола и бев МВП!

Поранешната англиска фудбалска ѕвезда, Пол Гаскоњ, откри детали од својата бурна кариера и борбата со зависноста од алкохол во гостување на британската емисија „Добро утро, Велика Британија“.

Тој зборуваше за темните периоди низ кои поминал, за лечењето во психијатриска установа и за својата книга „Осум“, инспирирана од бројот на дресот што го носеше најчесто во кариерата.

„Со години се оддалечував од семејството, а тишината ме проголтуваше. Кога татко ми реши да ме смести во психијатриска клиника, сфатив колку е сериозна состојбата. Тие 11 дена таму ми го спасија животот. Можев со месеци да бидам мирен, а потоа да пијам два дена и последиците ќе траеја со недели. Дури кога отидов на состанок со анонимни алкохоличари, сфатив дека сум зависник. Книгата ја напишав за да им помогнам на другите — не е само за фудбал, туку за сè низ што поминав“, изјави Гаскоњ.

Тој се присети и на една анегдота од времето кога настапуваше за шкотскиот клуб Ренџерс. На финалето на Лига купот против Хартс, неговиот тренер Волтер Смит му рекол на полувреме да испие неколку пијалоци. Популарниот Газа призна дека тогаш испил девет чаши коњак, по што постигнал два гола и бил прогласен за играч на натпреварот.

Интересен дел од неговата приказна е и преминот во Тотнем во 1988 година, кога го одбил Манчестер Јунајтед, иако му дал збор на Алекс Фергусон.

„Претседателот на Тотнем ми даде сè — татко ми доби 120.000 фунти и BMW, сестра ми доби лежалка пред куќата. Подоцна Фергусон ми рече: ‘Како можеше да ме одбиеш? Ја направи најголемата грешка во животот.’“, искрен е Гаскоњ.

И покрај неговата зависност од алкохол често му го засенуваше талентот, тој останува еден од најталентираните англиски фудбалери. Кариерата ја градеше во клубови како Њукасл, Тотнем, Лацио и Ренџерс, а беше и дел од репрезентацијата на Англија.