Украдено е интервјуто во кое Нејмар ја открива својата иднина

Пред две години Нејмар беше на насловните страници на сите весници поради неговата преселба од Барселона во ПСЖ, а сега изгледа дека следува кам - бек на Бразилецот на „Ноу Камп“.

Транфер - сапуницата околу Бразилецот трае цело лето, а сето тоа делува како некој криминален филм.

Најновата вест гласи дека некој во Бразил го украл интервјуто во кое Нејмар требало да ја открие својата иднина. Без разлика дали е вистина или не, за ова стана нанозе цела Јужна Америка и поголемиот дел од Европа.

Наводно станува збор за видео интервјуто на Нејмар кое требало да излезе на бразилскиот интернет портал „УОЛ Еспорте“. Инаку, тоа е најпосетениот бразилски медиум со над 6,5 милијарди отворени страници месечно. Медиумскиот гигант од Сао Пауло интервјуто со Нејмар го направил за време на Копа Америка и требало во јавноста да излезе вечерва.

Наводно, Нејмар во текот на интервјуто ги открил плановите за својата клупска иднина, дали останува во ПСЖ или сака да се врати во Барселона. Тоа интервју требаше вечерва да одекне во фудбалскиот медиумски простор, но нема.

Новинарот Жоао Пауло Вергеиро потврди дека во текот на викендот од неговиот автомобил е украдена видео картичката на која е снимено интервјуто. Така, драгоцените зборови на Нејмар исчезнаа. Или не?

Ново поглавје на драмата од оваа неверојатна приказна се појави денеска. Наводно, интервјуто на Нејмар останало забележано?

Станува збор за друга ТВ екипа која пред „УОЛ Еспорте“ правела интервју со Нејмар. Она интервју од пред неколку дена во кое Нејмар го понижи ПСЖ со изјавата дека најдраг натпревар во кариерата му е оној за Барселона кога го победил ПСЖ со 6:1.

Таа друга ТВ екипа наводно случајно ја оставила вклучена камерата по одработеното интервју и го снимила сето она што Нејмар го кажал за „УОЛ Еспорте“ за клупската иднина, Барселона, ПСЖ, но и за аферата за наводното силување.

Сега на „УОЛ Ешпорте“ му го нудат „загубеното интервју“, по разумна цена.

Во меѓувреме, Нејмар денеска со седум дена задоцнување ги започна тренинзите во ПСЖ. Претходно ги налути луѓето во францускиот клуб и финансиски е казнет. Денеска разговараше и со директорот Леонардо. За време на тричасовниот состанок ја повтори својата намера дека сака да се врати во Барселона. Леонардо не го стопираше трансферот, туку му рекол на својот сонародник дека тоа е комплицирана трансфер операција и дека не е сигурен дека е изводлива за Барселона. Во превод, Леонардо откри дека ПСЖ ќе бара огромна сума на пари од клубот кој веќе потроши 200 милиони евра за Де Јонг и Гризман.

На оваа сапуница најверојатно тука не и крајот. Не очекуваат уште возбудливи моменти до крајот на трансфер рокот, а Нејмар уште еднаш може да ги предаде „своите“.