УЕФА во најголеми проблеми: Лигите и ФИФПро бараат удел во управувањето со фудбалот!

Можеби проектот Суперлига (беш)е сериозна закана за актуелното функционирање на костумосаните фудбалски властодршци во европскиот фудбал, но Европската фудбалска унија (УЕФА) допрва ќе се соочи со најголемиот проблем околу раководењето на фудбалот, зашто европските лиги и здружението на играчи побараа реформи во – вледеењето со организацијата.

ЕФЛ и ФИФпро со заеднички „манифест за раководење“ побараа структурни и сериозни реформи во кои се бара поголема вклученост на лигите, фудбалерите и навивачите околу раководењето и владеењето со фудбалот, нешто што сега е оставено само на комплексна бирократска администрација, чии раководни тела ги бираат националните федерации, а никаков глас на најгисокото тело Конгресот немаат најважните фудбалски чинители. Клубовите преку Европската клупска асоцијација (ЕКА) имаат два претставници, а лигите само едно во главното управувачко тело – Извршниот комитет.

Дека фудбалот е оставен на раководење само на бирократите, како проблем се појави кога ФИФА најави реформи со „проектот за иднината“ и евентуалното СП на две години, за кое се побунија сите, ама ако дојде до гласање во ваквата поставеност на фудбалската пирамида, главните чинители, фудбалери, клубови, лиги немаат глас бидејќи не се членки на ФИФА. Исто е и во структурата на УЕФА, како конфедеративна членка на ФИФА, во која право на глас имаат само националните федерации.

Поради ова, ЕФЛ и ФИФПро договориле принципи според кои сите главни чинители во фудбалот, вклучувајќи ги и клубовите, федерациите и навивачите, треба заеднички да ја делат одговорноста за структурите во колективното управување, па затоа треба да имаат соодветно вклучување во тој заеднички систем на управување и раководење, но и заедничко застапување на сите прашања кои се од легитимен интерес околу владеењето со европскиот фудбалски модел.

„Актуелниот систем на управување и водење не е повеќе способен да носи одлуки кои треба да бидат донесени, а мора да има баланс и да се слушне гласот на сите. Дел од клубовите кои имаат најголемо влијание сакаат да се отцепат, тие кои немаат влијание се отпор. И тоа треба нешто да ни каже. Имаме хиперпопуларизација од комерцијална точка, а од друга страна невозможни се конструктивни одлуки околу вистинското управување со фудбалот. Мора да се замени унилатералното донесување на одлуки“, вели генсекот на ФИФПро, Јонас Баер-Хофма.

Ова е директен удар брз актуелниот систем на владение и управување со европскиот фудбал, токму поради фактот што дел од главните чинители или ги нема или се премалку застапени, а иако постои и стратегиски фудбалски Совет во кој еднаков е бројот на членови од УЕФА, клубовите, играчите и лигите, нема повеќе од еден состанок на две години.

Манифестот инаку е изготвен од ЕФЛ и ФИФПро на состанок на светското здружение на фудбалери во Брисел, каде УЕФА и ЕКА не ја прифатиле поканата и не присуствувале.

Ова доаѓа откако ЕФЛ во која членки се петте најсилни лиги на светот (Ла Лига, Премиерлигата, Серија А, Лига 1, Бундеслигата) побараа реформи на реформите за ЛШ кои УЕФА веќе ги презентираше од сезоната 2024, пред сѐ околу распределбата на пари, пријавниот лист и укинувањето на места според историски резултати (угодување на гиганти кои нема да изборат пламан), ама и промена на бројот на мечеви поради најавеното укинување на актуелната групна фаза со создавање една група по швајцарски модел со по 10 кола за секој учесник од вкупно 36-те.

УЕФА во моментов е растргната на сите страни, зашто допрва заканите од Суперлигата и префрлањето на топката во политички ринг со чекање на одлука на Европскиот суд на правдата околу монополската улога на УЕФА е еден голем фронт, а битката со ФИФА околу реформите со СП се втор во кој Александер Чеферин и соработниците најавија бојкот ако светската организација ја (ис)турна целата работа. Но, почеток на процесот на рушење на актуелниот систем на управување и владеење може да предизвика најголем потрес, зашто потоа како домино ефект би бил во сите федерации членки на УЕФА.

Промени во ваквиот управувачки систем на УЕФА во блиска иднина секако само ќе ги забрзаат процесите за промени на пример во Фудбалската федерација на Македонија, каде главните столбови на фудбалот, фудбалерите и клубовите се тотално изолирани и без глас во фудбалската структура, а фудбалот го водат во најголем дел анонимни делегати како членови на Собранието и Управен одбор кој главна цел има да си ги собие големите привилегии што ги носи фотелјата, па едни исти луѓе скоро цела деценија се заседнати во нив.