Башкими и Кожуф според актите на ФФМ треба да завршат во – најнизок ранг!?

Прволигашот Башкими и второлигашот Кожуф се на добар пат да бидат преселени во најнизок ранг од натпреварувањата по јурисдикција на ФФМ, откако Министерството за внатрешни работи (МВР) денеска потврди дека натпреварот од финишот на минатата сезона, во кој кумановци победија во Гевгелија (2-1), бил наместен, а по што се очекува и жестока реакција од Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ).

Полицијата поднела пријави против седум лица, меѓу кои се против претседателот и еден фудбалер на Башкими и спортскиот директор, тројца фудбалери и тренерот на Кожуф. Според Дисциплинскиот правилник на ФФМ, двете екипи, Кожуф и Башкими се соочуваат со одземање на 3 до 9 бода, висока парична казна, а со оглед на тежината на прекршокот и бројот на учесници во местенката, дури и со преселба во најнизок ранг. Претходно, од ФФМ истакнаа дека по завршувањето на истрагата ќе бидат преземени конкретни мерки.

Очекуваме целосни извештаи од официјалните лица на натпреварот, по што ќе бидат преземени сите мерки во рамките на нашата надлежност. Нема да има заштитени – секој што со своето однесување го нарушил интегритетот на натпреварувањето ќе биде соочен со одговорност. Нашата цел е јасна: фудбал без дамка, натпревари во кои резултатите се одлучуваат на теренот, а не зад кулисите. ФФМ останува цврсто определена да стави крај на нечесните практики и да го врати достоинството на македонскиот фудбал. Време е конечно да расчистиме со ѓубрето што со години го труе македонскиот фудбал. Во соработка со МВР и надлежните институции ќе преземеме сè што е потребно ваквите случаи да добијат соодветен епилог“, стоеше во реакцијата од Фуддбалската федерација на Македонија објавено претходно.

Башкими и Кожуф се соочуваат и со одземање на лиценцата за дејност спорт, тоа го најавија од Министерството за спорт исто така, кога натпреварот предизвика бурни реакции.

„Ќе ги почекаме извештаите од ФФМ и доколку се потврдат сомнежите, на фудбалските клубови Кожуф и Башкими по итна постапка ќе им биде одземена дејноста спорт“, изјави тогаш министерот Борко Ристовски.

Башкими сезонава игра во Првата лига каде што во првото коло одигра реми со Арсими на свој терен, додека Кожуф треба да започне со настапот во Втората лига.