Турците го бркаат Елмас од Наполи, а Италијанците го најавуваат за стартер?!

Македонскиот бисер Елиф Елмас летоска направи рекорден македонски трансфер вреден 16 милиони евра плус бонуси од Фенербахче во Наполи на барање на Карло Анчелоти, кој од пред неколку дена доби отказ и наполитанците за нов шеф го ставија темпераментниот Џенаро Гатузо, кој ќе треба да го извади калчолигашот од резултатската криза во која западна во последните два месеци.

Откако Гатузо и официјално беше промовиран за нов кормилар на Наполи, италијанските медиуми најавија дека Елмас е во фокусот и дека треба да биде адутот на новиот тренер, па македонскиот бисер да добива уште повеќе шанса од таа што ја имаше кај Анчелоти. И угледната „Газета дело Спорт“ пред два дена најави дека Елмас кај Гатузо ќе биде во фокусот, а денеска медиуми го најавија младиот македонски фудбалер како стартер против Парма во дормацијата 4-3-3, во која треба да игра во средината со Алан и Фабијан Руиз.

Но, додека на Апенините, тамошните медиуми го најавуваат Елмас во стартниот тим, од Турција, доаѓа вест дека Гатузо ќе го прател Елмас на заем веќе во јануари, ако Аурелио Де Лаурентис му ја исполни желбата да го донесе Лукас Тореира, уругвајскиот репрезентативец од лондонски Арсенал. Според „Фанатик“, Елмас би бил прекуброен, би немало место за него за сериозна минутажа, па најдобро решение ќе било да оди на заем.

И после две тотално различни информации во еден час, прво прашање е – кому да веруваме?