Таткото на Нејмар го нудел својот син на Барселона!

Ќе беше предобро за да биде вистинито дека само со една изјава на сопственикот на ПСЖ, Ал-Келаифи, ќе завршат шпекулациите за трансфер на Нејмар. Иако рекоа дека останува и следната сезона, сега се засилија како реакција на случувањата со Антоан Гризман.

Антоан Гризман се изјасни дека нема да мрда од Атлетико и, практично, ја остави на цедило Барселона, која толку многу сметаше на неговото доаѓање летово. Тоа ги заживеа гласините дека Нејмар би се вратил во Каталонија, поткрепени и со аргумент од друга страна.

Шпанските медиуми пишуваат дека таткото на Нејмар, кој има големо влијание во одлуките во неговата кариера, наводно, го нудел својот син на големите европски клубови, за да си замине од ПСЖ ова лето.

Неофицијално, исконтактирал и со Жозеп Марија Бартомеу, претседателот на Барселона, со намера да го „опипа“ теренот, сега откако му пропадна планот со Гризман.

Шансите за ова се мали, сепак не и невозможни, оценуваат шпанските медиуми. Еден проблем е тоа што Барселона и онака ќе ја заврши годината во мал профит, па трошок за Нејмар, иако би бил под 222 милиони за кои го продадоа во ПСЖ, би бил страшен удар на фискалната состојба во клубот.

Од друга страна, Реал Мадрид е загнат да го донесе Бразилецот и би сторил сè за да го победи ривалот од Каталонија. На крајот на краиштата и оваа, како и сите претходни шпекулации, мора да се земат со резерва, особено ако доаѓаат од екипажот на Нејмар, кој сака да биде присутен во медиумите, по секоја цена.