Светна втората ѕвездичка на „нераѕурите“: Титула број 20 за Интер (ВИДЕО)
Не можеше да биде послатко за „нераѕурите“ бидејќи триумфот за титула е остварен во дуелот со најголемиот ривал Милан, во дербито што вечерва се одигра на Сан Сиро. Интер славеше со 2-1 за шеста победа по ред во меѓусебните дуели и +17 во пресрет на последните пет кола од шампионатот. Со ова, Интер изби пред Милан по бројот на титулите бидејќи „росонерите“ останаа на 19, последната освоена во 2022 година.
Головите за победа на формалниот гостин на овој меч ги постигнаа Ачерби во 18. и Турам во 49. минута. Томори на десетина минути пред крајот ја врати неизвесноста откако намали на 1-2, но Милан немаше сили да се избори барем за бод и да го одложи славјето на својот голем ривал. Во финишот дојде до голема нервоза на теренот, играчите на двете екипи два пати влегоа во масовна тепачка поради што црвени картони добија Тео Ернандез и Калабрија кај Милан и Думфрис кај Интер, но тоа не се одрази на резултатот.
„Црно-сините“ од Милано беа најконстантни во текот на сезоната и заслужено се нови шампиони на Италија. По 33 кола имаат само еден пораз и тоа претрпен од Сасуоло пред крајот на септември на домашен терен. Во 2024 година се уште се несовладани и во последните пет кола ќе се обидат да ја продолжат серијата која трае веќе 28 натпревари.