Суперлигата официјално пропадна – и Реал Мадрид ѝ се „продаде“ на УЕФА!

По речиси пет години шпекулации и преговори за една од најконтроверзните идеи во историјата на европскиот клупски фудбал, проектот „Суперлига“ и официјално е згаснат.

Причината за такво нешто е едноставна – повеќе нема заинтересирани клубови кои би застанале зад него. До неодамна, Реал Мадрид беше единствениот клуб кој сè уште ја поддржуваше идејата за отцепување од УЕФА, но ниту шпанскиот гигант не можеше сам да ја турка оваа иницијатива. „Кралевите“ и европската федерација денеска заеднички објавија дека е постигнат договор, со кој треба да се затвори едно од најбурните поглавја во модерниот фудбал.

„По повеќемесечни разговори, водени во најдобар интерес на европскиот фудбал, УЕФА, Асоцијацијата на европски клубови и Реал Мадрид се договорија околу принципи кои ќе придонесат за подобрување на клупскиот фудбал во Европа, со почитување на спортските заслуги, долгорочната одржливост на клубовите и подобрување на искуството на навивачите преку технологија“, се наведува во соопштението.

Со овој договор ќе бидат решени и правните спорови поврзани со Суперлигата, откако договорените принципи ќе бидат целосно спроведени. Така се става конечна точка на идејата која сериозно го потресе европскиот фудбал и се закануваше целосно да го промени системот граден со децении. Ова натпреварување требаше да ги обедини најголемите европски клубови во затворена лига, која ќе ѝ конкурираше на Лигата на шампионите и секоја недела ќе нудеше спектакли меѓу елитата. Покрај Реал Мадрид, како основачи беа најавени и Арсенал, Челси, Ливерпул, Манчестер сити, Манчестер јунајтед, Тотенхем, Милан, Интер, Јувентус, Атлетико Мадрид и Барселона.

Иако во еден момент проектот изгледаше реален, во изминатите две години клубовите еден по еден се повлекуваа, сè додека и самиот Реал – најгласниот поддржувач – не се откажа и самиот не ѝ се „продаде“ на УЕФА.