Суарез: Во Барса ми рекоа дека сум престар за да играм на врвно ниво!

Уругвајската ѕвезда Луис Суарез летово ја напушти Барселона и се пресели во Атлетико Мадрид, откако клупската управа и новиот тренер Роналд Куман процениле дека нема да им биде потребен, ама додека Каталонците се мачат сезонава, Суарез во мадридксиот клуб како да има „втора младост“ - се изнадава голови.

За заминувањето на Суарез во Атлетико се налути и Лео Меси, кој претходно бараше, но не доби дозвола за трансфер, оценувајќи дека „тотална лудост и глупост“ е дозволата Уругваецот туку така да си замине од клубот во кој остави силен белег.

„Многу бев навреден кога ми рекоа дека сум престар и дека не можам да играм повеќе на врвно ниво. Тоа ме повреди, зашто да немав ништо направено три-четири сезони за клуб како Барселона, ќе го прифатев тоа нормално, ама јас секоја сезона за Барса давав преку 20 гола. Секогаш имав добра статистика, веднаш зад Лео. Сега гледате, многумина дојдоа во Барса, ама не го достигнаа нивото кое се очекува од нив, а јас шест години играв константно и живеев со тоа што се очекува од мене. Заслужив поголем респект за тоа што го направив, а не навреда. Не можев да се жалам на нивната одлука, зашто тие веќе решија“, рече Суарез за „Франс Фудбал“.

Сезонава Суарез веќе има 16 гола за Атлетико со кој е лидер на табелата во Ла Лига.