Спектакл за крај: Подолски на 41 година освои трофеј со клубот од својот роден крај (ВИДЕО)
Иако по потекло е Полјак и роден во Гљивице, Подолски избра да игра за германската репрезентација, со која ја освои и титулата светски шампион во 2014 година. Во својата татковина за првпат заигра во 2021 година, кога од Анталија пристигна во Забже, град оддалечен десет километри од неговото родно место и го облече дресот на Горник, каде исто така е ко-сопственик.
Прославениот голгетер во тоа време вети дека клубот ќе крене трофеј за најмногу пет години, а тоа го постигна во неговата трета сезона во клубот, која веројатно ќе биде последна во неговата кариера.
„Кога дојдов тука, ви кажав дека за три до пет години ќе имаме нешто во наши раце. Но, да се случи тоа во мојата последна сезона... Тоа е неверојатно! Го имаме овој куп! Купот е наш!“, рече воодушевениот Подолски во своето обраќање до навивачите по натпреварот.
Ова е прв трофеј на Горник откако ја освои титулата во 1988 година, а прв во Купот од 1972 година. Патем, тимот од Забже беше шампион на Полска 14 пати, а сега го освои својот седми трофеј во најмасовното натпреварување.
Подолски ја дополни и својата колекција трофеи, откако со Баерн освои титули во германското првенство и Купот, потоа трофејот од ФА Купот и Комјунити Шилд со Арсенал, со Галатасарај ги освои трофеите од Купот на Турција и Суперкупот, а со Осака и Купот на Јапонија. Во текот на својата кариера, тој ги носеше и дресовите на Интер и Келн, каде што ја започна својата кариера и остави длабока трага. Подолски беше светски шампион во Бразил во 2014 година со германската репрезентација.