Ден за титула во Серија А: Интер е подготвен за славје
На „нераѕурите“ им е потребен само бод во дуелот против Парма на домашен терен за да дојде до својата 21. титула, трета во последните пет години. Со меч помалку, Интер има девет бода предност пред Наполи и 12 од Милан, но затоа што има полош биланс во меѓусебните дуели со овие две екипи, мора да освои барен еден бод вечерва.
Лани токму Парма беше кобна за Интер во борбата за титулата во Серија А. На „Енио Тардини“, миланскиот тим водеше со 2-0, а потоа Бернабе и Ондрејка погодија за израмнување и Интер си замина со само еден бод кој потоа беше клучен Наполи да стане првак. Сега, дури и со такво сценарио, тимот на Кристијан Киву ќе стане шампион, но на „Меаца“ не се очекува ништо друго, освен убедлива победа.