Спалети не го вади од уста македонскиот „дијамант“: Елмас е сјајот во моите очи!

Помини-замини тренерот на Наполи, Лучано Спалети не го вади од уста македонскиот „дијамант“ Елиф Елмас, иако дури на крајот од првиот дел од сезоната му даде минутажа на која фудбалерот за врска одговори со два гола и асистенција.

Откако Спалети е дојден во Неапол, лош збор нема кажано за Елмас, а кога и да го прашаат новинарите за Македонецот, едно исто повторува дека е воодушевен и дека нема намера да се откаже од него.

Наполи во моментов е во Анталија (Турција) на подготовките пред стартот на вториот дел од сезоната во јануари, па повторно тема на новинарите беше Елмас.

„Елмас е сјајот на моите очи, без оглед дали играл или не. Елиф е сјајно момче, кој може да игра на секоја позиција. Тоа е фудбалер кој сака постојано да работи и константно да напредува. Тој е фудбалер кој може да добие меч дури и ако игра десет минути. Фудбалер кој трча, притиска, ја зема топката... Што и да се случи, останува светлината во моите очи“, рече Спалети.

Наполи по 15 кола има 13 победи и е без пораз, па сега е главен кандидат за „скудетото“, кое во Неапол се чека уште од ерата на Диего Марадона, повеќе од три децении.