„Сон ми беше да дојдам во Ла Лига, сега сонувам да заиграм во Барселона или Мадрид!“

Еден од најдобрите македонски интернационалци Енис Барди од шпански Леванте ја почна третата сезона во едно од најсилните светски првенства, Ла Лига, каде дојде за 1,5 милиони евра пред две лета од унгарски Ујпешт.

Барди неколкупати посочи дека со доаѓањето на Пиринеите практично си го остварил сонот да заигра во Ла Лига, а сега открива кој е следниот сон што сака да ги исполни и тој е – многу амбициозен.

„Мојот сон беше да играм во Ла Лига. Сакав да дојдам во Шпанија, да учам и секој ден тоа се случува. Се надевам дека уште многу години ќе играм во Ла Лига. Моментно сум концентриран само на Леванте и не размислувам за следна дестинација. Целта е сезонава повторно да останеме во Ла Лига, а ако можеме да бидеме во топ десет би било – фантастично. А, кога станува збор за следниот сон: Мојот е многу голем – сакам да играм за некој од гигантите. Реал Мадрид, Барселона, Атлетико Мадрид.... Шпанија е преубава, добра за мене. Можеби би се снашол и во Премиерлигата, но кој знае?“, вели Барди.