Соиграч на Чурлинов доби суспензија зашто играше со лажен идентитет!

Напаѓачот на Штутгарт, Силас Катомпа Мвумпа доби суспензија и парична казна од Фудбалскиот сојуз на Германија затоа што играше под лажно име.

Овој 22-годишен фудбалер откри неодамна дека играл под лажен идентитет, односно под името Силас Вамангитука, по што следеше експресна реакција на Германскиот фудбалски сојуз, кој почна и истрага за целиот случај.

Соиграчот на Дарко Чурлинов од редовите на Штутгарт доби суспензија на три месеци и нема да може да игра до 11 септември, а ќе мора да плати и парична казна од 30.000 евра.

„Ни беше јасно дека Силас ќе биде суспендиран од страна на Фудбалскиот сојуз на Германија. Обвинителите земаа во предвид и посебни околности за неговиот случај“, соопштија од тимот.

Фудбалерот од Конго кажа дека неговиот поранешен менаџер го натерал да игра под лажно име и презиме и ја префрли вината на него.