„Скај Спорт“: Кејн побара од Тотнем да си замине, ама сака да остане во Премиерлигата!

Првиот напаѓач на англиската репрезентација и ѕвезда на лондонски Тотнем, Хери Кејн и официјално побарал од својот актуелен клуб да си замине летово, откако ги известил челниците дека сака трансфер, објави „Скај Спорт“.

На Кејн, кој веќе девет години е дел од лондонскиот премиерлигаш, му здодеале сезоните без трофеј, па веќе од поодамна англиските медиуми најавуваат негово заминување и сега како што информира „Скај Спорт“, официјално се случило барањето за трансфер и наводно во клубот сериозно размислуваат да го пуштат да си оди.

За Кејн има низа заинтересирани клубови од Манчестер јунајтед, Манчестер сити, Челси, како и шпанска Барселона, но англискиот центарфор веќе им порачал на челниците на „Вајт Харт Лејн“ дека не сака да си замине од Премиерлигата, што сега го вклучува „алармот“ кај гигантите, кои по секоја цена ќе се обидат да го придобијат, па летово може да има жестока битка на трансфер пазарот кој да го добие неговиот потпис.

Кејн во дресот на Тотнем даде 220 гола во 334 меча, а во 2019 година играше финале во ЛШ.