Сити со „петарда“ првпат се искачи на врвот, Арсенал му се одмазди на Саутемптон (ВИДЕО)

Фудбалерите на Манчестер Сити ептен лесно и убедливо, како гости, го совладаа тимот на ВБА (5-0) по што,за првпат сезонава, се искачија на лидерската позиција на табелата во Премиер лигата.

„Граѓаните“ имаат 41 бод од 19 меча, еден повеќе од градскиот ривал Манчестер Јунајтед, а два од Лестер, кои имаат ист број одиграни натпревари. Составот на Пеп Гвардиола уште во првото полувреме го решија прашањето на победникот, со оглед што во овој дел од играта постигнаа четири гола. Два беа дело на Гондоган, а по еден на Кансело и Марез, додека во вториот дел во листата стрелци се впиша и Стерлинг.

До гостински триумф дојдоа и фудбалерите на Арсенал, кои му се одмаздија на Саутемптон за поразот од пред неколку дена во ФА-купот. „Топчиите“ во саботата загубија со 0-1, а сега одиграа далеку подобро и славеа со 3-1. И овој пат првиот гол беше дело на домашниот тим и тоа уште во 3. минута преку Армстронг, но пет минути подоцна изедначи Пепе, а Сака во 39. минута донесе пресврт. Конечниот резултат го постави Лаказет во 72. минута.

Арсенал сега е осми на табелата со 30 бода од 20 меча.