Си замина човекот кој го склопи шампионскиот Ливерпул

Ливерпул официјално потврди дека се разделува со спортскиот директор Ричард Хјуз, човекот кој одигра важна улога во создавањето на тимот што ја освои 20. шампионска титула во историјата на клубот.

Хјуз пристигна на „Енфилд“ во јуни 2024 година, откако претходно долги години работеше во Борнмут. По нешто повеќе од две години во Ливерпул, решил да го напушти клубот и да побара нов предизвик.

Во неговиот период на функцијата, Ливерпул ја освои Премиерлигата во сезоната 2024/25, а тимот обезбеди и пласман во Лигата на шампионите за следната сезона. „Црвените“ денеска го потврдија заминувањето, а Хјуз во прошталната порака изрази благодарност до клубот, раководството, вработените, фудбалерите и навивачите.

Посебно внимание привлекува неговата работа на трансферниот пазар. Хјуз минатото лето беше еден од главните луѓе зад трансферите со кои Ливерпул го засили тимот, ангажирајќи големи имиња како Александар Исак, Флоријан Вирц, Уго Екитике, Милош Керкез и Џереми Фримпонг, како и неколку други засилувања. Сепак, по одличната шампионска сезона, Ливерпул не успеа да го повтори истиот успех со Арне Слот, па клубот сега влегува во нов период и со промена во спортскиот сектор.

Хјуз нема долго да биде без работа. Според информациите, тој ќе ја преземе функцијата спортски директор на Ал Хилал, клуб со огромни амбиции и желба да се бори за најголемите трофеи во азискиот фудбал. Неговото заминување претставува значаен удар за структурата на Ливерпул, особено ако се земе предвид дека токму во неговиот мандат клубот повторно стигна до врвот на англискиот фудбал.