Се вжештува атмосферата во Реал: Перез најави засилување од 150 милиони евра

Само неколку дена пред претседателските избори во Реал Мадрид во недела, атмосферата достигнува кулминација.

Најголемите ветувања на двајцата кандидати се излеваат, а на најавата на „предизвикувачот“, Енрике Рикелме, дека ако победи, ќе го доведе, ни помалку ни повеќе, Ерлинг Халанд, одговори сегашниот прв човек на кралскиот клуб, Флорентино Перез.

„Имам вести за вас. Во вторник ќе дадам значајна понуда до клуб од Лигата на шампионите за врвен играч. Тоа би бил најголемиот трансфер во историјата на Реал Мадрид. Би бил околу 150 милиони евра. Навестување? Не можам да ви дадам ништо, само навестувам што ќе правиме“, рече Перез, гостувајќи во емисијата „Хоризонт“.

Веднаш почнаа шпекулации кој би можел да биде. Михаел Олисе беше првиот што им падна на памет на сите. Сепак...

„Олисе е одличен играч, но не е Олисе. Не е ни Доку... Ќе дадеме значајна понуда, барем 150 милиони. Идеално би бил играч од средниот ред или напаѓач. И не е Халанд. И не е од Премиер лигата. И првото нешто што ќе го направиме е да разговараме со клубот. Тоа е потпис што треба да создаде возбуда, бидејќи тоа е поентата, создавање возбуда“, додаде контроверзниот бизнисмен кој веќе 17 години е на чело на Реал и вкупно 23 заедно со неговиот прв мандат.

Втората асоцијација беше Витиња, но шпанските медиуми тврдат дека Реал ќе тргне по друг фудбалер на ПСЖ – Жоао Невес, еден од најперспективните фудбалери во светот. Перез не му верува на својот противник и на своите ветувања:

„Сите го негираа договорот со Халанд, тоа мора да е блеф... Не сакам луѓе што го дестабилизираат клубот“.

Тој зборуваше многу за економската состојба, финансиската стабилност на Реал Мадрид, неговите мотиви за преземање на клубот во одреден момент. Ја искористи можноста да ги потврди Конате и Думфрис како засилувања и, секако, Жозе Мурињо на тренерската функција.