Се вжештува атмосферата во Атлетико - соблекувалната бара извинување од Алварез, тој ни да слушне
Алварез веќе јавно стави до знаење дека сака неговата иднина да биде решена, а во последните недели неговото име најчесто се поврзува со Барселона. Аргентинецот смета дека заминувањето би било најдобрата опција и за него и за клубот, додека Атлетико категорично одбива да се откаже од својот најважен напаѓач.
Тензиите дополнително се зголемија по неговото враќање на подготовките. Според информациите објавени во шпанските медиуми, Алварез очекувал разговор со тренерот Диего Симеоне и извршниот директор Мигел Анхел Хил Марин, но двајцата не биле присутни. Тоа дополнително го налутило аргентинскиот фудбалер, кој наводно смета дека клубот не се однесува коректно кон него. Случувањата не останаа без реакција ниту во соблекувалната. Дел од фудбалерите на Атлетико биле изненадени од јавните изјави на Алварез, а Алекс Баена призна дека не очекувал такви зборови од свој соиграч. Шпанските медиуми објавуваат дека фудбалерите сметаат дека Алварез треба јавно да се извини и да се приклучи на екипата, но аргентинскиот репрезентативец не сака ни да слушне за такво нешто.
Од друга страна, Симеоне и раководството на Атлетико продолжуваат да испраќаат порака дека клубот сака Алварез да остане. Тренерот неодамна јавно ја потврди поддршката за аргентинскиот напаѓач и нагласи дека ставот на клубот за неговата иднина е јасен. Во целата приказна се појавува и Барселона, која не се откажува од намерата да го доведе Алварез. Каталонците веќе работат на стратегија со која би се обиделе да го убедат Атлетико да седне на преговарачка маса, иако мадридскиот клуб засега не покажува подготвеност за продажба.
Она што е сигурно е дека односите се нарушени, а секоја нова изјава може дополнително да ја зголеми тензијата околу еден од најважните фудбалери на мадридскиот клуб.