Сари ќе остане во Наполи и за помалку пари, ако му исполнат два големи услови!

Актуелниот тренер на италијанскиот калчолигаш Наполи, Маурицио Сари има сериозна понуда од англискиот гигант Челси, кој прави секакви обиди за да го донесе на „Стемфорд Бриџ“, но на овој тренер прва цел му е да остане во Неапол и тоа под три услови.

Ако некој помислил дека првиот услов, кој секогаш бил најважен, а тоа е поголема плата, во случајот со Сари тоа е најмалку важен услов. Тренерот на наполитанците сака зголемување на платата, но тоа не е првиот услов, зашто смета дека е должен кон навивачите и кон градот и затоа сака да остане. Поважни му се други два клучни услови.

Првиот и најважен е да добие – сериозни засилувања. И тоа не дали ќе бидат скапи, туку сака искусни фудбалери. Не сака млади и надежни играчи, кои допрва треба да ги афирмира, од причина што тие не се начин за да се освои титулата. Затоа сега на потег е Аурелио Де Лаурентис, првиот човек на Наполи.

Вториот услов е – да нема притисок. Сари смета дека клубот јасно и гласно треба да каже дека ќе се бори за „скудето“, но не да се подгрева лажна надеж кај навивачите и да се даваат бомбастични изјави како годинава за титулата, од причина што не смее да се потцени силата на Јувентус.

Третиот услов е новиот договор, според кои Сари сака четири, а Наполи нуди три милиони евра годишно. Актуелниот тренер сака плата како Лучано Спалети во Интер, но за него тоа е најмал проблем, зашто ако Наполи му ги исполни првите два услови, подготвен е да потпише нов договор и за помала плата од причина што интересот на клубот е во прв план.

Само за потсетување, потенцираат италијанските медиуми, Челси на Сари му нуди 8 милиони евра годишно, што е двојно од највисоката плата што тој ја бара на „Сан Паоло“. Не е ни чудо што после ова, сите се воодушевени од постапките на кормиларот на Наполи. Сега навивачите стискаат палци дека Де Лаурентис ќе му ги исполни двата клучни услови на тренерот, за тој да остане под Везув.