„Роналдо нè уништи првиот пат кога настапи против нас!“

Во далечната 2002. година Манчестер јунајтед и Спортинг Лисабон играа пријателски натпревар при отворањето на новиот стадион на португалскиот клуб, а тоа беше ноќ во која Кристијано Роналдо ја импресионираше Европа, но и Сер Алекс Фергусон.

Веднаш потоа доби повик и стана фудбалер на „Црвените ѓаволи“, иако претходно добил повик од Арсен Венгер, односно Арсенал, како и Ливерпул, Реал Мадрид и Барселона.

Најпрво требало да остане во Спортинг на едногодишна позајмица, но Фергусон му кажал дека го сака истото лето, па Португалецот се пресели во Манчестер.

За англиските медиуми зборуваше и поранешниот играч на Јунајтед, Квинтон Фортјун, кој објасни како изгледало пристигнувањето на Роналдо во клубот.

„Се сеќавам дека нè уништи кога првпат го сретнавме на теренот. Се надевавме дека нема да напаѓа по нашата страна. По натпреварот зборувавме колку е неверојатен. Влезе во соблекувалната и кажа дека е најдобар. Англискиот не му беше најдобар, но разбравме што сака да каже“, објасни Квинтон.