Роналдо бара три жени: Немав „скршена“ пара, а тие ми помогнаа кога беше најтешко!

Еден од најдобрите фудбалери во светот, Кристијано Роналдо имаше долго интервју за медиумите, во кое откри многу детали од својот приватен живот, а се сети и на три жени кои му помогнале додека бил дете.

Роналдо кажа дека немал пари како дете, па поминувал навистина тежок период од животот, но три жени кои работеле во „МекДоландс“ му помогнале така што му давале хамбургери навечер, па сега ги бара за да имаат вечера заедно.

„Кога бев дете, 11 или 12 години, немавме пари. Живеевме во Лисабон како и останатите млади фудбалери. Го гледав моето семејство на секои три месеци. Тоа беше многу тешко. Навистина тежок период без семејството. Навечер, околу 10.30 или 11, сите бевме гладни. Па имавме ‘Мекдоналдс’ во близина на стадионот. И секогаш одевме таму и баравме дали има останато некои хамбургери. Три девојки беа неверојатни. Никогаш не ги пронајдов, иако ги барав. Затворен е тој ресторан, но се надевам дека ова интервју ќе ми помогне да ги најдам. Ќе бидам среќен да дојдат во Торино или Лисабон за да имаме вечера. Сакам да ги најдам девојките. Да им возвратам за помошта во тешкиот период. Никогаш нема да ги заборавам“, вели Роналдо.