Ристовски ќе игра со една од најголемите словачки ѕвезди – Мартин Шкртел

Македонскиот репрезентативен напаѓач Милан Ристовски, кој влезе во одлична гол форма откако денеска го даде третиот гол во третиот меч по ред за Спартак Трнава, доби голема ѕвезда за свој соиграч во овој словачки тим – Мартин Шкртел.

Една од најголемите словачки ѕвезди Шкртел потпиша со Спартак Трнава и денеска беше официјално промовиран, а ова за него е враќање во татковината после 17 години, откако како неполнолетен замина од Тренчин во руски Зенит каде играше до 2008 година, а потоа цели осум години беше дел од англискиот великан Ливерпул, сѐ до 2016 година. Играше уште и за Фенербахче, беше дел од турскиот гигант кога Вардар ги исфрли во плејофот за Лига Европа, па кратко беше дел од Аталанта, а во последните две години беше дел од Истанбул Башакшехир.

„Се вратив ама не за да се збогатам. Нема да играм за некоја сума од која боли глава. И среќен сум што се враќам во Словачка“, рече Шкртел.

Тој има 104 настапи за Словачка со која играше и на Европско и на Светско првенство.