
Реал се предаде во трката за титула - Чуквуезе го потопи „кралот“ среде Мадрид (ВИДЕО)
Нигериецот Чуквуезе со феноменален гол на десет минути пред крајот го шокираше цел „Бернабеу“, зашто Реал Мадрид двапати водеше на мечот, а „жолтата подморница“ успеваше двапати да се врати во мечот, а на крај да го зададе завршниот удар за голем триумф.
Пау Торес си даде автогол за водство на Реал во 16-та минута, но откако Вилјареал промаши неколку одлични шанси, Чуквуезе со мала мајсторија го изврте Начо за да израмни во 39-та. Три минути во вториот дел, Винисиу Жуниор повторно го донесе Реал во водство, но Хосе Моралес во 70-та вторпат го врати Вилјареал во мечот, за на крај Нигериецот да го реши мечот.
Барселона игра утре дома со Жирона и има шанса да избега на плус 15 од Реал на 10 кола до крајот, што значи дека сѐ поизвесна е разврската за шампионската круна, зашто во таков случај со уште 30 бода во оптек, на Каталонците ќе им требаат само уште пет победи ако „кралевите“ сѐ победат до крајот.
Вилјареал со триумфот се врати во трката за ЛШ, сега е петти со 47 бода, четири зад Реал Сосиедад.