Реал го израмни клупскиот, но далеку е од рекордот на Барселона

Новиот шпански првак Реал Мадрид синоќа го победи Алавес со 5-0 и 30. пат по ред остана непоразен во домашното првенство.

Со тоа го израмни клупскиот рекорд кој го држеше генерацијата предводена од Лео Бенхакер во 1988 и 1989 година и сега е на една победа од тимот на Барселона на Гвардиола во 2011 година. Сепак, „каталонците“ се апсолутни рекордери во овој сегмент бидејќи имаат 43 натпревари по ред без пораз, достигнување кое датира од 2017 и 2018 година.

Единствен кој оваа сезона успеа да го победи Реал беше Атлетико, уште на 24 септември кога на домашен терен триумфираше со 3-1. До крајот на првенството, „кралевите“ имаат уште гостување кај Виљареал и дуел со Бетис на домашен терен. Во моментов, тимот од Мадрид е во серија од девет победи, а на последните четири меча не прими ниеден гол.