ПСЖ: Нема ништо со Зидан, Покетино е нашиот тренер

Веќе извесно време се шпекулира дека Маурисио Покетино ќе си замине од клупата на ПСЖ по завршувањето на оваа сезона за да го преземе Манчестер јунајтед. 

Информациите низ француските медиуми беа дека Зинедин Зидан ќе го наследи Аргентинецот на „Паркот на принцовите“, но спортскиот директор на парижаните, Леонардо ги негираше сите овие приказни.

„Мислам дека треба да ја разјаснам ситуацијата со оглед на информациите кои кружат изминативе денови. Маурисио Поектино е под договор со ПСЖ до јуни 2023 година. Не сакам тој да си замине. Тој никогаш не побарал да си замине и ниту еден друг клуб не не контактирал за него“, рече Бразилецот.

Тој исто така ги искоментира и шпекулациите со Зинедин Зидан.

„Имаме огромно почитување кон Зидан, кон она што го има направено како играч и како тренер, но можам да ви кажам дека сме немале никаков контакт ниту пак сме имале состанок со него“, додаде Леонардо.