ТФТ се засили со канадски центар за АБА2-лигата!

Македонскиот тим ТФТ доби ново засилување за настапите во АБА2-лигата, откако во екипата пристигна канадскиот кошаркар со нигериско потекло Отасови Бертранд Ијекекполор.

Станува збор за 30-годишен центар висок 202 сантиметри, кој ќе биде четвртиот странски кошаркар во составот на тимот од Тафталиџе. Ијекекполор летово пристигна во Македонија и е член на Мега Баскет од Прилеп, за кого дебитираше вчера на натпреварот против ИБА Баскет.

Сепак, неговите квалитети го привлекоа вниманието на стручниот штаб на ТФТ, кој процени дека тој може да помогне во регионалното натпреварување. Кошаркарот веќе е официјално регистриран и има право на настап уште од првиот натпревар на тимот во АБА2-лигата.

ТФТ ќе ја започне својата авантура во регионалното натпреварување во вторник, кога ќе гостува кај Слобода Тузла.