Прв гол на Серафимов оваа сезона, го почна пресвртот за триумф на МОЛ Фехервар!

Македонскиот репрезентативец, Никола Серафимов, го постигна првиот гол во новата сезона за својот клуб Мол Фехервар. Уште поважно, неговиот погодок го покрена тимот по негатива, кон пресврт против Кишварда, за конечни 3-1.

Натпреварот во Сехешфехервар почна лошо за домаќините, со водство на Кишварда уште во 11. минута, но Серафимов ги скроти илузиите на гостинската екипа изедначувајќи во 28. минута.

Ремито важеше и на паузата, а во вториот дел Мол Фехервар ги искористи своите шанси за да поведе со 2-1 во 60. минута, а потоа и да ја направи победата поубедлива. Со новите три бода, екипата на Серафимов скокна од дното на табелата во унгарското првенство и сега има осум, на деветтото место, четири повеќе од денешниот ривал, кој со четири бода е последен, на 12. позиција.

Македонскиот дефанзивец, кој си го врати статусот на редовен првотимец го постигнува првиот гол, откако веќе шести меч едноподруго игра полни 90 минути.